Телефон: +389 2 3108 891

Пребарување

Барај во:
Клучен збор за пребарување
 

Регулативата е конзервативна, потребни се нови решенија за пристап до финансии за малите и средни претпријатија

Во период од февруари до јули 2018, Здружението на граѓани Центар за европско применето право и економија “ЦЕППЕ”, го имплементираше проектот „Финаниски инструменти за малите и средните претпријатија: анализи и нови решенија за подобрување“, финансиран од Европската Унија, во рамки на програмата за регрантирање на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглаве 20“ YESNetwork+.

Постигнати резултати и заклучоци
Пристапот до финансирање на малите и средните претпријатија (МСП) е потежок во однос на големите претпријатија, не само поради вкоренетите несовршености на финансискиот пазар, туку од неодамна, и поради глобалната финансиска криза. Најчесто користен традиционален инструмент секако, е финансирањето преку кредит. Други алтернативни инструменти за финансирање можат да бидат договорот за факторинг, договорот за лизинг бизнис, како и бизнис ангелите. Последниве се поретко застапени во практиката и, повеќе или помалку, рудиментарно и/или нецелосно покриени со домашната законска регулатива.
 
Во Стратегијата „Европа 2020“на Европската комисија (ЕК) како главни приоритети се наведуваат подобрувањето на деловното опкружување за МСП и нивниот растеж, особено преку олеснување на нивниот пристап до единствениот пазар на Европската унија (ЕУ). Исто така, во соопштението на ЕК: „Интегрирана индустриска политика за ерата на глобализацијата и ставање на конкурентноста и одржливоста во центар на вниманието“, како иницијатива произлезена од стратегијата „Европа 2020“, се промовира принципот „најпрво мисли на малите“ („think small first“).
 
Во извештајот на ЕК за напредокот на земјата во 2017 година се констатира status quo за извештајниот период и државата се оценува како умерено подготвена во однос на Поглавјето 20: Претпријатија и индустриска политика. Новата индустриска политика и стратегиите за МСП, подобрувањето на пристапот на МСП кон извори на финансирање и нивната адаптибилност се идентификувани како главни препораки.
 
Во поглед на институционална поддршка на малите и средните претпријатија: Со оглед на пазарните несовршености и отежнатиот пристап до финансирање на МСП, институционалната поддршка е преточена во стратегиски документи кои треба да ги зајакнат и надополнат изворите на финансирање на МСП. Генерален заклучок е дека во истите отсуствуваат реалните мерки што треба да се преземат за постигнување реално користење на овие извори (инструменти) во практиката.
 
Препораките во Стратегијата за конкурентност со акционен план за периодот 2016-2020 година се прилично воопштени, без прецизни мерки за подобрување на состојбите во практиката. Така на пример, се препорачува „подобрување на ликвидноста и пристапот до финансии за МСП воопшто, а особено за иновативните и извозно ориентираните МСП“, што само по себе е одамна идентификуван проблем. Исто така, „обезбедувањето на градење капацитети за поддршка на развојот на нови финансиски инструменти“ е општа декларативна заложба, без конкретен ефект врз практиката. Во новодонесената Национална стратегија за мали и средни претпријатија (2018-2023): Конкурентни мали и средни претпријатија како двигатели на инклузивен економски раст, од март 2018 година, се зборува за поедноставување на постапките за основање и работење на финансиските институции кои што нудат алтернативни финансиски инструменти (факторинг, лизинг, еквити фондови, итн.). Ова, секако, е за поздравување. Од друга страна, се чини дека акцентот не треба да се стави само на субјектите што го вршат овој тип на финансиски активности, туку и на транспарентноста и начинот на договорно уредување на односите на давачите на овие финансиски инструменти и МСП како нивни корисници.