Телефон: +389 2 3108 891

Пребарување

Барај во:
Клучен збор за пребарување
 

Осум успешно имплементирани национални проекти од областа на Поглавје 20

Во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20“ во периодот од февруари до септември 2018 година, успешно беа реализирани 8 национални проекти.

Главна  цел на имплементацијата на овие проекти беше да се придонесе кон зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за креирање и следење на политики и за поддршка на реформите во Поглавје 20, да се промовираат нови пристапи, механизми и инструменти од областа на претприемништвото и индустријата на национално ниво, како и  да се придонесе кон зголемувањето на свеста за важноста на Поглавје 20 во процесот на пристапување кон ЕУ.       

Граѓанските организации кои ги имплементираа националните проекти, спроведоа проектни активности согласно еден избран Приоритет, од вкупно шест, претходно дефинирани во Повикот.

Во продолжение следува кратка презентација на успешно реализираните проекти:

„Стратешкиот развој на руралниот туризам – основа за комплементарно поврзување и надополнување на индустриската политика и одржливиот развој на Р. Македонија“ проект во имплементација на Рурална Коалиција – Куманово.

Спроведените проектни активности беа во согласност со приоритет 6: Унапредување на капацитетите за креирање, имплементација и следење  на програмите за туризам. Проектот се имплементираше во рурални средини во 8 плански региони, а преку имплементацијата на проектот се оствари придонес кон стратешкиот развој на руралниот туризам како секторска политика во рамките на индустриската политика во земјата.

Во рамки на проектот се креираше првиот веб сајт на локалитети кои што нудат и развиваат рурален туризам и кој овозможува нивно меѓусебно поврзување заради размена на искуства и знаења www.rural.mk .
 
Преку поврзување на сите чинители во секторот туризам се изработија препораки за стратешкиот  развој на руралниот туризам за наредниот 5-годишен период:
 
  • Да се измени и олесни законската регулатива која што го регулира руралниот туризам како гранка;
  • Да се создаде поттикнувачка и овозможувачка средина за развој и промоција на руралниот туризам следејќи ги трендовите од околните земји;
  • Финансиската поддршка и соработката со институциите особено со Министерството за економија и со Министерството за земјоделство да се развијат на повисоко ниво;
  • Да се олесни даночната регулатива;
  • Да се подобри руралната инфраструктура;
  • Да се воспостави институционална соработка со Центрите за развој на планските региони;
  • Да се воспостави посебна категоризација за угостителски објекти во руралните средини.
-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

“Креирање на поволен деловен амбиент и обезбедување подобра системска поддршка на претпријатија во сопственост на жени“ е проектот кој го имплементираше Здружението на бизнис жени во  Скопје, Велес, Битола, Кичево и Куманово.
Проектот дејствуваше согласно Приоритет 2: Подобрување на дијалогот со бизнис заедницата.

Резултатите од спроведените проектни активности покажуваат дека главните проблеми со кои се соочуваат жените се предрасуди и родови стереотипи дека бизнисот е машка работа, дека немаат доволно информации од институциите и организациите, за поддршката која ја нудат за женско претприемништво, постоењето на сива економија и огромниот број на лица кои работат „на црно“ како и тоа дека жените претприемачки поседуваат многу малку или воопшто не поседуваат имот на свое име и тоа им претставува пречка за пристап до финансии - кредити и позајмици за развој на својот бизнис.

Од друга страна во однос на Центрите за вработување во сите 5 општини, се заклучи дека Центарот за вработување функционира на добро ниво и дека им овозможува на жените обуки за странски јазици, компјутери, претприемништво и подготовка на бизнис планови. Исто така генерално постои и воспоставена соработка помеѓу општината, центрите за вработување и центрите за социјална работа.

Ова се дел од препораките за унапредување развиени во рамки на проектот:

- Да се изготви ажурирана база на податоци на жени претприемачки за да можат жените да бидат информирани за сите активности поврзани со ЖП;
- Да се обезбеди кавалитетен пристап до информации за започнувањето и водењето на бизнисот;
-  Да се воспостави коoрдинација и соработка со сите засегнати чинители и граѓанските организации;
- Да се олесни пристапот до финансии, со користење на алтернативни облици на финансирање;
- Да се поттикнуваат жените претприемачки кон иновации и иновативно работење;
- Да се нагласи важноста од вмрежување.

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Во рамки на проектот „Преку проценка на влијанието на регулативата на занаетчиската дејност до подобрување на деловната клима во Македонија“ имплементиран од Институт за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ, се оствари подобрување на деловната клима за креирање на нови бизниси во Македонија во областа на занаетчиството преку анализа на влијанието на регулативата во оваа сфера.
 
Во рамки на проектот, ИСИЕ  спроведе истражување во врска со ефектите на Законот за занаетчиство. Преку спроведеното истражување се осозна дека Занаетчиството е бизнис од кој може да живее целото семејство, и дека со поттикнување на занаетчиството може да се реши проблемот со невработеноста. Се констатираше дека  постои слаба информираност на занаетчиите за законските регулативи и дека е потребен регистар на занаетчии со цел да се утврди точната бројка на занаетчии.  Потребна е промена во даночната политика, даноците се голем товар за занаетчиите, а Македонија од сите земји во регионот има најнизок праг за влез во ДДВ.
Резултатите од студијата укажуваат и на потребата да се подготви и нов систем на субвенционирање кој ќе биде рамномерно насочен кон потребите на различните занаетчии зависно од нивниот вид и големина, а особено за субвенционирање на чираци и занаетчии кои ангажираат чираци.  Исто така, потребно е да се преземат решителни мерки за имплементација на законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност со цел да се намали нелојалната конкуренција кај занаетчиите.

Повеќе информации за студијата и препораките може да се најдат во Студијата за проценка на регулативата.

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Здружението Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење Скопје го спроведе проектот: „Идентификување на развојните можности за структурни промени и извозна диверзификација преку активни индустриски политики – студија на случај: машински и металопреработувачки сектор“,  согласно Приоритет 5 во Повикт „Анализа на специфични сектори“.
Целна група во овој проект беа компании во рамките на машинскиот и металопреработувачкиот сектор на ниво на територија на цела Македонија, кои имаат капацитет да отпочнат производство и извоз на нови производи, како и институции задолжени за креирање на економски и индустриски политики во насока на поттикнување на процесот на структурни индустриски промени.
 
Целта на проектот беше поттикнување на структурни промени и извозна диверзификација на компаниите од машинскиот и металопреработувачкиот сектор и дефинирање предлог политики согласно Преговарачкото поглавје 20.
 
Проектот ја оствари својата цел преку остварен преглед на најдобрите искуства за структурни промени во насока на зголемување на извозните перформанси на избраните сектори, а исто така и  преку преглед на ограничувањата и потенцијалот за извоз во машинскиот и металопреработувачкиот сектор во Република Македонија.
Успешно се идентификуваа развојни можности за извозна диверзификација а воедно се
дефинираа и предлог мерки и индустриски политики за зголемување на извозот во анализираните индустриски сектори во согласност со Поглавје 20. 

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Здружението на граѓани Центар за европско применето право и економија ЦЕППЕ Скопје, имплементираше проект согласно Приоритет 4: Обезбедување на подобар пристап на МСП до финансиски услуги .
Проектот „Финансиски инструменти за малите и средните претпријатија: Анализи и нови решенија за подобрување“ беше имплементиран во 10 општини на територија на Р. Македонија обезбедувајќи диверзификација и од регионален и од етнички аспект во период од 6 месеци.
 
Преку неговата имплементација се утвди дека пристапот до финансирање на малите и средните претпријатија (МСП) е потежок во однос на големите претпријатија. Воедно, дека најчесто користен традиционален инструмент е финансирањето преку кредит а останатите алтернативни инструменти за финансирање како договорот за факторинг, договорот за лизинг бизнис, како и бизнис ангелите се поретко застапени во практиката.
 
Во поглед на институционална поддршка на малите и средните претпријатија, се утврди дека таа е преточена во стратегиски документи кои треба да ги зајакнат и надополнат изворите на финансирање на МСП. Генерален заклучок е дека во истите отсуствуваат реалните мерки што треба да се преземат за постигнување реално користење на овие извори (инструменти) во практиката.
 
За препораките во Стратегијата за конкурентност со акционен план за периодот 2016-2020 година се заклучи дека се  прилично воопштени, без прецизни мерки за подобрување на состојбите во практиката.
Додека, за поздравување е актот дека во новодонесената Национална стратегија за мали и средни претпријатија (2018-2023): Конкурентни мали и средни претпријатија како двигатели на инклузивен економски раст, од март 2018 година, се зборува за поедноставување на постапките за основање и работење на финансиските институции кои што нудат алтернативни финансиски инструменти (факторинг, лизинг, еквити фондови, итн).

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Согласно Приоритет број 4 од Повикот, како дел од оваа грантова шема во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20“ беше имплементиран уште еден грант проект насловен како:
„ЕУ Деск за иновативни финансиски пакети за подобра  искористеност на европските фондови ( EU Desk – FINA4MA )“ имплементиран од  Фондација за развој на мали и средни претприемништва Скопје .
Целта на проектот беше да се создаде подобрено бизнис окружување и олеснување на пристапот до финансии преку воведување нови финансиски инструменти за поддршка на малите и средни претпријатија за успешно користење на средствата од програмите на ЕУ наменети за развој на МСП.
 
Во рамки на проектот се развија конкретни препораки за унапредување на пристапот до финансии за МСП и дел од нив се однесуваат до Владата на РМ каде се иницира креирање Национална програма за поддршка на бизнис секторот, како  во процесот на конкурирање за средства од Програмите на ЕУ така и во и во процесот на имплементација на одобрени проекти .
 
Препораките до Македонската банка за поддршка на развојот се однесуваат за понуда на  производи за поттикнување на користењето на ЕУ фондовите од страна на МСП, а пак препораките до Комерцијалните банки се однесуваат за активно вклучување во процесите на поддршка на бизнис секторот во насока на поголема апсорпцијата на средства од ЕУ фондовите преку директно вклучување во пред-финансирање и ко-финансирање  на одобрени проекти.
 
Во рамки на проектот развиени се препораки и за тоа кои институции и организации од македонскиот финансиски систем  треба да им помогнат на банките за да се вклучат за успешна апсорпција на средствата од ЕУ фондовите и на кој начин.

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

„Усвојување на добри практики за примена на директивата за задоцнети плаќања“ е грант проект спроведен од страна на Здружение на инкубатори за деловно консулански услуги – Бизнис Инкубатор Гевгелија.
Општа цел на проектот беше да се подобри законската рамка за исполување на договорите во Р.Македонија, односно да се откријат слабосите во примена на Законот за Финансиска дисциплина, да се посигне целосна усогласеност на македонскиот закон со Директивите на ЕУ и да се даде предлог препорака за измени во законската и институционалната рамка за подобрување на наплатата по изврешените договори-во приватен и јавен сектор.
 
Преку спроведена Анализа на Законот за финансиска дисциплина во однос на Директивата 2011/7/ЕУ, преку Анализата на проблемите со кои се соочуваат компаниите при примена на законот и преку изработка на Нацрт Студија за примена на законот и препораки за подобрување проектот успешно ја реализираше својата цел на територија на Р. Македонија. 

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Асоцијацијата на менаџмент консултанти МКА 2000 преку грант проектот „Партнерство за успешност на инструментите за поддршка на МСП“ успеа да го зајакне капацитетот на граѓанските организации за следење на политиките за конкурентноста на малите и средни претпријатија.
 
Во рамки на проектот се разви модел  за мерење на успешноста на мерките за поддршка на МСП, а притоа се направи и пилотирање на наведениот модел во четири општини; Штип, Прилеп, Куманово и Скопје.
 
Во рамки на проектот се развиваат следните препораки за локалните политики :
  • Потребата од вклучување на МСП и граѓанските организации во планирање и спроведување на мерки за поддршка на МСП;
  • Начинот на мобилизирање на средства за зголемување на локалниот економски раст и вработувањето преку поддршка на работењето на МСП, особено пристап кон фондовите на ЕУ;
  • Формите на следење на успехот на локалните политики преку зголемена продажба на МСП, зголемена профитабилност, продуктивност и конкурентност;
  • Можните партнерства за поголем опфат на МСП од општината во регионалните и националните програми, како и поттикнување на извозот на МСП;
  • Потребата од нови услуги за МСП за подобрување на индикаторите на локалната економија.