Телефон: +389 2 3108 891

Пребарување

Барај во:
Клучен збор за пребарување
 

Институционална рамка

Поглавје 20 - Институционална рамка

Бројот на ентитети активни во секторот претпријатија и индустриска политика е голем и вклучува многубројни министерства, агенции, независни јавни тела, единици на локална самоуправа, јавно-приватни партнерства, со што институционалната рамка е мошне комплексна. Централна координативна улога ја имаат КЗПВРМ (Кабинетот на заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори) и Министерството за економија.
  • Кабинетот на заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори (КЗПВРМ) е задолжен за стратешка координација на сите економски сектори и институции во Владата, со посебен фокус на економските политики за пораст, унапредување на деловната клима и регионален развој. КЗПВРМ е одговорен за Стратегијата за конкурентност.
  • Министерството за економија е клучно министерство вклучено во креирањето на економската политика. Некои од клучните стратешки документи за зголемување на конкурентноста што се развиени и водени од страна на Министерството за економија се: индустриската политика, МСП-стратегијата, стратегијата за промоција на извозот, програма за стимулирање инвестиции, стратегија за општествена одговорност, стратегија за енергетска ефикасност, како и секторски ориентираните документи (стратегија за развој на текстилната индустрија, акциски план за развој на индустријата на челик, стратегија за развој на туризмот и програма за развој на кластерите). Дополнително, Министерството за економија беше контакт-лице за европската програма ЦИП, а сега е за КОСМЕ.
  • Министерството за образование и наука е одговорно за сите области на формално образование и обука во земјата, но и за секторите на наука и иновации. Министерството беше контакт-точка за ФП7, а сега е за Хоризонт 2020. Со Законот за иновациска дејност, од 2013 година Министерството е одговорно за имплементација на Стратегијата за иновации и со на неа поврзаните области.
  • Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) е понова институција со мандат за поддршка на имплементацијата на Стратегијата за иновации. ФИТР е основан во декември 2013 година, согласно Законот за иновациска дејност, а со цел да: i) да го поддржи развојот на МСП преку комерцијализација на иновации; ii) да ги зајакне инвестициите областите на истражувањето и развојот; и iii) да го стимулира трансферот на нови технологии. Фондот обезбедува поддршка преку различни финансиски инструменти (грантови, условени заеми и еквити инвестиции), но исто така обезбедува и техничка поддршка за јакнење на капацитетите на претпријатијата за користење на регионалните и европските фондови. Оперативните трошоци на ФИТР се покриваат од државниот буџет, додека средствата за неговите финансиски инструменти се обезбедени преку заем од Светската банка (за проектот SKILLS) во износ од девет милиони евра за периодот на имплементација 2015-2019 и 1% од ИПАРД.
  • Министерството за финансии има водечка одговорност за сите работи поврзани со оданочувањето и финансиската политика, фискалната дисциплина, справувањето со доцна наплата.
  • Подобрен пристап до финансии се остварува преку Македонската банка за обнова и развој како единствена банка во сопственост на државата задолжена за управување на државните и донаторските фондови и нивно приближување кон претпријатијата преку банкарскиот систем.

Агенции за бизнис-поддршка

Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија (АППРМ) е државна агенција основана во 2003 година. Мисијата на АППРМ е промовирањето на претприемништвото и малото стопанство преку спроведување на приоритетни проекти што се одраз на областите на интервенции во МСП што се раководат според побарувачката и на владините програми за поддршка на претприемништвото и зголемување на конкурентноста на МСП. Основните одговорности на АППРМ се:
  • Создавање и развој на институционалната инфраструктура за поддршка и развој на претприемништвото и конкурентноста во секторот на МСП;
  • Спроведување и координирање на државната и меѓународната поддршка за МСП;
  • Унапредување на претприемништвото преку финансиски и нефинансиски видови мерки за поддршка; и
  • Спроведување на програмите за мерки и активности за поддршка на претприемништвото и создавање конкурентност во малото стопанство.

Клучни национални агенции за привлекување и поддршка на странски инвестиции се Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот (АСИПИ) и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) одговорна за слободните економски зони. Дополнително, владата номинира четири министри без портфолио одговорни за привлекување на странски инвестиции, како и мрежа на 30 промотори во странство. АСИПИ е основана во 2004 година со основна цел привлекување СДИ, а во 2010 година промоцијата на извозот е додадена во нејзиниот мандат. Моментално, Агенцијата е одговорна за обезбедување бенефиции за гринфилд-инвестиции, информативни услуги на извозниците и други активности за поддршка на извозот, вклучувајќи учество на меѓународни саеми, истражување на странски пазари, размена на трговски информации и слично.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија е владина институција основана во 2008 година и оттогаш дејствува во следните две области:
1)    Промоција на Македонија како атрактивна туристичка дестинација преку подготовка на промотивни материјали, учество на меѓународни саеми за туризам, организација на инфо-тури за туристички оператори и новинари од странство, промоција преку разни медиуми;
2)    Поддршка на секој аспект на развој на туризмот, од рурален, црковен, до активен туризам, поддршка на развојот на туристички зони, обезбедување субвенции на домашни и меѓународни туроператори за странските туристи.

Граѓанскиот сектор и Поглавје 20

Владините организации преку јавно приватното партнерство соработуваат со многубројни други организации, релевантни за Поглавје 20, како што се стопанските комори (на пример, Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Занаетчиска комора, Туристичка комора), работнички организации, организации на работодавачи, деловни асоцијации, регионални бизнис-центри и инкубатори, бизнис-стартап и плански центри и другите граѓански организации релевантни за наведеното реформско подрачје.
 
Поглавје 20 граѓанските организации се вклучени во поддршката на:
 
  • Процесите РИА и ПВР
  • МСП и претприемништвото (вклучувајќи го женското и социјалното претприемништво)
  • Старт-апи и иновативни бизниси (технолошки паркови, бизнис инкубатори, фондови, акцелератори и сл.)
  • Занаетчиството
  • Секторските политики (вклучувајќи асоцијации, кластери, комори и сл.)
  • Странските инвестиции (вклучувајќи странски и билатерални комори)
  
Сите чинители, вклучително и граѓанските организации, мора да ги интензивираат своите напори и вклученост во креирањето и имплементацијата на политиката за претпријатија и индустрија со цел поефикасно справување со предизвиците на македонската економија: унапредување на конкурентноста, зголемување на продуктивните инвестиции, диверзификација на извозот, креирање на услови за одржлив економски пораст, зајакнување на бизнис рамката (правна и институционална), имплементација на правото на ЕУ. Граѓанските организации од Поглавје 20 ја препознаваат оваа потреба за поголем ангажман во процесот на дизајн, имплементација и мониторинг на принципите, инструментите и секторските на политики на ова реформско подрачје.