Области на Поглавјето 20
1. Принципи на претпријатија и индустриска политика
2. Инструменти на претпријатија и индустриска политика
3. Секторски политики
Правото на ЕУ во поглавјето Претпријатија и индустриска политика се состои од принципи и инструменти што се опфатени во препораките и заклучоците од Советот на Европа и на ниво на ЕУ најчесто се имплементираат преку програмите на ЕУ. Ова преговарачко поглавје исто така содржи и секторски политики. Политиката за претпријатија и индустрија на ЕУ главно е водена од Стратегијата Европа 2020.
Со воспоставување на генерални политички принципи, ЕУ настојува да ги забрза структурните промени и да промовира средина соодветна за креирање бизниси, за домашни и за странски инвестиции, промовирање на МСП и на претприемништвото и иновациите. Поспецифично, МСП-политиката на ЕУ се карактеризира со препораки и со заеднички механизми за ревизија содржани во Актот за мали бизниси како и во воспоставената дефиниција за МСП.
Инструментите на политиката за претпријатија и индустриска политика се развиени во програмата на ЕУ за Конкурентност на малите и средните претпријатија (КОСМЕ). Оваа програма обезбедува финансиска поддршка на претпријатијата и креаторите на политики и се фокусира на акции што промовираат пристап до финансии и пазари, бизнис-услуги како Enterprise Europe Network, европски и национални иновациски политики за поддршка на МСП. Еден значаен инструмент претставува Директивата 2011/7/ЕУ за борба против доцнењето во наплатата при комерцијалните трансакции.
Преку секторските политики, ЕУ промовира пофокусирана анализа на специфичните сектори и иницира активности за одредени сектори, како групи на високо ниво, политички форуми, студии и експертски панели, како и иницијативи за вмрежување.
Формулирањето и имплементацијата на политиките за претпријатија и индустриска политика побаруваат соодветен административен капацитет на национално, регионално и локално ниво, вклучувајќи ефикасни процеси на консултација и механизми за соработка со главните чинители, како што се индустриските здруженија.